Ракометарите на Македонија потешко од предвиденото ја совладаа селекцијаата на Естонија со 37-33 (20-20), во првиот натпревар од евро-квалификациите. Македонската репрезентација имаше успешен старт во квалификациите за пласман на ЕП 2026.Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ се играше во неисполнета сала.
Без Митревски и Талески и со Филип Кузмановски како нов капитен македонската селекција ги пречека мотивираните Естонци. Кузмановски со три седмерци се наметна и во четвртата минута веќе беше 4-1. Првиот погодок во националниот тим на официјален натпревар го постигна Петковски од крилната позиција за 7-4 во 10. минута.
Во ритам влезе и Марко Митев и со два гола во негов стил ја одржуваше разликата од 2-3 гола. Сепак, Тум и Варул полека ја разбиваа нашата одбрана.
На почетокот на вториот дел Естонија првпат поведе и со брза игра започна да ги загрижува нашите фанови на трибините. Лазаров повика минута одмор во 40. минута на -2 и веднаш дојде реакцијата. Серафимов и Џонов погодија и брзо натпреварот пак дојде во егал. Кизиќ на голот и Џонов од транзиција ја вратија предноста. Серафимов со три гола и Кизиќ со две одбрани го вратија натпреварот во мирни води и во 47. минута Македонија веќе водеше со 31-28.
Со гол на Велковски во 50. минута македонската селекција дојде до највисоки +5. Нашата селекција го одби последниот естонски напад и извојува победа од 37-33.
Најефикасни во нашиот национален тим беа Серафимов со десет и Митев и Кузмановски со по седум гола, а кај Естонија одличен натпревар одигра Карл Тум со единаесет голови.