Аргентинецот Лаутаро Мартинез со гол во 74-та минута го однесе Интер во финале на ЛШ. Милан имаше само желба за пресврт, беше без идеја и освен двете шанси што ги пропушти во првиот дел, во вториот не направи ама баш ништо.
Интер и Милан водеа рововска битка на теренот, со преку 30 прекршоци, „росонерите“ пропуштија шанси на Брахим Дијаз и Рафаел Леао да постигнат гол. Милан одигра ужасно лошо во вториот дел, кога требаше да тргне на сѐ или ништо, но немаше никаква шанса.
Предноста од два гола на Интер по првиот натпревар му даде можност, игра без ризик и добро затворање на просторот, „нераѕурите“ да чекорат кон финалето, што на крај го сторија и сега го чекаат победникот од пресметката Манчестер Сити – Реал Мадрид, на „Итихад“ за да дознаат против кого ќе се борат за европската титула.
Интер има три европски титули од 1964, 1965 и 2010 година, а две загубени финалиња во 1967 и 1972 година.
Финалето е на 10 јуни на стадионот „Кемал Ататурк“ во Истанбул.