Фудбалерите на Вест Хем продолжуваат со одличните игри оваа сезона.
Тимот на менаџерот Дејвид Мојс на „Лондон Стадион“ го совлада Ливерпул со 3:2 (1:1).
Тие на тој начин ја прекинаа серијата од 25 меча без пораз за „црвените“.
Виден е одличен и возбудлив натпревар во кој Вест Хем уште од самиот почеток стави до знаење дека ќе оди на победа.
По еден корнер од левата страна во четвртата минута, Алисон реагираше незграпно и ја сврте топката во сопствената мрежа, иако можно е тоа да го направи под прекршок.
Се консултираше ВАР и беше одлучено дека голот е регуларен, па Вест Хем поведе.
Диого Јота имаше шанса во 32. минута, но не ја искористи, но Ливерпул израмни во 41. минута преку Трент Александер-Арнолд кој одлично изведе слободен удар од 18 метри и го погоди левиот агол .
Во продолжение Крег Досон во 50-та и Садио Мане во 52-та не ги искористија можностите на двете страни, за Вест Хем повторно да поведе во 67-та минута.
По еден брз контра напад, Алисон беше совладан од Пабло Форналс.
Вест Хем го постигна третиот гол во 74. минута, слично како и на почетокот на натпреварот.
Повторно беше корнер, лошо реагираа Алисон и одбраната на Ливерпул, а Курт Зума се „поклони“ на втората статива и ја испрати топката во мрежата.
Сепак, Ливерпул жестоко нападна во финишот и преку резервистот Дивок Ориги намали на 3:2 со удар од свртување во 83. минута.
Ливерпул имаше одлична шанса за израмнување во првата минута од надополнувањето, но топката по ударот со глава на Мане заврши крај стативата.
Тоа беше победа на Мојс над Ливерпул по 11 години во неговиот 1001 натпревар во тренерската кариера.