Македонскиот првак Вардар им се враќа на обврските во Лигата на шампионите, а првиот предизвик по паузата поради ЕХФ неделата е Пик Сегед.
Унгарскиот претсавник е домаќин на „црвено-црните“ на дуелот кој в четврток од 18:45 часот се игра во Сегедин, а тренерот Веселин Вујовиќ се надева дека токму тука неговите момци ќе стават крај на серијата од три порази.
-Продолжува ЛШ по ЕХФ паузата. Сите се собравме, сите се здрави што е многу важно. Играме против Пик Сегед, познат противник и еден од најдобрите тимови во Европа. Некако како да играме некој бараж затоа што сега се соочуваме во Сегедин, а по седум дена тие доаѓаат во Скопје. Ќе биде интересно да видиме како ќе се одвиваат двата натпревара. Вардар е подготвен, мора да ја прекинеме оваа серија порази од Алборг, Монпелје, и Кил. Најголемата шанса ни е во Сегедин. Мора да се подготвиме, одиграме храбро, Вардар по традиција игра добро во Сегедин, па се надевам дека и овој пат ќе биде така, -порача Вујовиќ.