По неочекуваниот пораз од Шарлот, Голден Стејт се врати на победничките патеки во големото дерби со Бруклин, остварувајќи импресивна победа на гостувањето во Њујорк кај еден од најдобрите тимови во лигата (99:117).
„Воините“ остануваат лидери на Западот и демонстрираат завидна игра на стартот на новата натпреварувачка сезона, водени од неверојатниот Стеф Кари кој игра како во своите најдобри денови пред повредата.
„Снајперистот“ Стеф беше убедливо најдобар на паркетот и го доби директниот дуел со поранешниот соиграч Кевин Дурент кој сега е главна ѕвезда во Бруклин, завршувајќи го мечот со 37 поени и реализација на девет тројки од 14 шутеви.
Одбраната на Бруклин немаше решение за расположената ѕвезда на Голден Стејт, кој интересно понуди и една извонредна игра во дефанзивца, „заклучувајќи го“ Џејмс Харден.
Во остварениот триумф, Стеф доби помош од Вигинс со 19 и Пул со 17 поени, додека во спротивниот табор, Харден со 24 поени беше најефикасен, а Дурент застана на 19.
На останатите две средби во Америка, Јута на домашен терен ја победи Филаделфија со 120:85, а Лос Анџелес Клиперс триумфираше над Сан Антонио со 106:92.