Освен во Мадрид, цела фудбалска Шпанија од синоќа врие поради натпреварот меѓу Реал и Алмерија во кој беа забележани неколку контроверзни судиски одлуки кои влијаеја на конечниот резултат.

Гостите, кои се последни на табелата во Ла Лига, водеа со 2-0 по првото полувреме, но во вториот дел Реал направи целосен пресврт и ги освои бодовите. Чудни одлуки беа донесени по прегледување на снимките во ВАР собата, но многу врева се крена поради еден потег на бразилскиот фудбалер Винисиус.

 

Во тоа бурно второ полувреме, крилниот напаѓач на Реал со лакт нокаутира противнички фудбалер кој потоа остана да лежи на теренот, држејќи се за лицето. Главниот судија и неговите помошници не го забележаа тоа, веројатно бидејќи топката беше на другата страна од теренот, но зачудува како тоа не го видоа во ВАР собата.