Ливерпул издоминира во групата Б и оствари максимални пет победи на петте одиграни меча, откако вчера тимот предводен од Јирген Клоп го надигра и Порто во натпревар без многу значење.
Сепак, далеку поголемо значење во оваа група имаше резултатот во Мадрид, а по истиот (0:1 за Милан), преостанатите три тима имаат свои шанси за пласман во нокаут рунда и се ќе се решава во последното коло.
Милан ќе треба да го победи Ливерпул за да се надева на пласман во осминафиналето, додека меѓусебна пресметка ќе имаат Порто и Атлетико на „Драгао“.
Милан и Атлетико влегуваат во последната рунда со четири бода, додека Порто има еден повеќе.
– Тежок пораз и лош епилог за нас. Милан ја искористи својата шанса во завршницата, а ние нашата не успеавме. Испуштивме важен бод, но оптимист сум. Играчите направија се што можеа и не можам да се жалам. Деталите беа во нивна корист на крај.
– Во Лигата на шампионите секој меч е тежок и комплициран, но јас останувам оптимист и за последното коло. Лигата на шампионите не простува и тимот кој ќе пројде понатаму сигурно ќе го заслужи тоа. И натаму сме во игра, ќе видиме кој ќе биде победник на крај. Победник е оној што се радува на крај, – порача Диего Симеоне.