Германскиот шампион Баерн Минхен ќе се обиде вечерва да ја надокнади негативата од 0-1 и да го елиминира Лацио, додека ПСЖ со два гола предност му гостува на Реал Сосиедад во осминафиналето на Лигата на шампиони.
Баерн минатиот викенд одигра нерешено против Фрајбург и направи чекор назад во трката за титулата во Бундеслигата, па не смее да си дозволи нов кикс и ќе бара спас на сезоната во елитното натпреварување. А тоа важи и за Лацио, кој игра ужасно лошо во Серија А и се наоѓа на деветтата позиција, откако на последните четири меча има дури три порази.
Баварскиот тим има проблеми во составот затоа што не може да смета на Коман, Мазрауи и Упамекано, додека сè уште не е сигурно дали ќе настапат Гнабри и Сане. Лацио пак нема големи проблеми и надвор од тимот се само Патрик и Ровела.
Тренерот Томас Тухел изјави дека верува во своите избраници и пласман меѓу најдобрите осум тимови во ЛШ.
„Ситуацијата е јасна, мора да победиме со два гола разлика. Потребен ни е притисок за да оствариме врвни резултати“, кажа Тухел.
ПСЖ е свесен дека ќе го загуби Килијан Мбапе на крајот на сезоната, па ова е последна можност со помош на одличниот француски голгетер да ја освои ЛШ.
Парижаните на ждрепката имаа среќа и добија еден од најслабите освојувачи на групите, Реал Сосиедад, а во Шпанија гостуваат со два гола предност.