Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ има релативно лесен пат до полуфиналето на првиот Мастерс во сезоната, Индијан Велс каде ќе настапи првпат по пауза од пет години.
Тој ќе стартува од второто коло, а според имињата на тенисерите, не би требало да има проблеми до завршната фаза. Ако нема изненадувања, во четвртфиналето ќе го очекуваат Хуркач или Руд, а во полуфиналето, еден меѓу Медведев, Руне, Димитров и Фриц. Од сите нив, само Медведев му е реална закана на првиот светски рекет. Теоретски, во полуфиналето е можно да се сретне со Рафаел Надал кој се враќа на Мастерс серијата, но Шпанецот како 652-рангиран на АТП листата има толку тежок пат што прашање е дали ќе ја помине и првата рунда во која се среќава со Милош Раониќ.
На другата страна од ждрепката се вториот и третиот светски рекет, Карлос Алкараз и Јаник Синер, како и Циципас, Зверев и Рубљев што е најава за многу понеизвесни и поинтересни дуели од оние каде што се наоѓа Ѓоковиќ.
Мастерсот во Индијан Велс почна во неделата со квалификациите, но најдобрите тенисери се вклучуваат в сабота. Новак Ѓоковиќ има шанса да стане најуспешен тенисер во историјата на овој турнир бидејќи во моментов со по пет титули, го дели првото место со Роџер Федерер. Последниот трофеј го освои во 2016 година.