Српската легенда Новак Ѓоковиќ го продолжува својот пат кон остварување на последната желба во блескавата и трофејна кариера. Српскиот ас сонува златен медал за својата земја на едни Летни олимписки игри, а во Париз е на вистинскиот пат. По победата над големиот ривал Рафаел Надал, за многумина најдобриот тенисер на сите времиња експресно ја мина и осминафиналната фаза и сега е на три чекори до целта.
Во битката за пласман во најдобрите осум тенисери во Париз, Ѓоковиќ без поголеми потешкотии го совлада Доминик Кепфер од Германија, без загубен сет, во гемови 7-5, 6-3.
Германецот беше рамноправен во првиот сет, во кој успеа да направи ри-брејк во петтиот гем, но во одлучувачкиот дванаесетти сервираше под своите можности и Ѓоковиќ ја искористи првата сет топка и поведе со 1-0. Србинот сигурно го отвори и вториот сет, направи нов брејк во вториот гем, а потоа рутински ја одбрани предноста и оствари нова победа на ОИ во Париз.
Во четвртфиналето Ѓоковиќ ќе се сретне со грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој денес беше убедлив против Беаз од Аргентина.