Барселона лесно се справи со Џирона во каталонското дерби кое попладнево се одигра на „Монтоливи“ во рамките на петтото коло во Примера.

Избраниците на германскиот стратег Ханси Флик славеа со 4-1, а можеа да дадат уште неколку голови ако беа подобро фокусирани во завршницата на дел од акциите.
Во прв план во првиот дел беше талентираниот Ламин Јамал кој постигна два гола, првиот во 30 минута откако му ја украде топката на дефанзивецот Лопез, а вториот во 37 на асистенција на Левандовски. Веќе на стартот на вториот дел Олмо со атрактивен погодок зголеми на 3-0, додека во 64 Педри беше стрелец за 4-0 по одличната асистенција на Касадо.

Домаќините преку ветеранот Стуани постигнаа почесен гол во завршницата во која непотребна глупост, старт направи нововлезениот Торес кој заработи директен црвен картон.

Сега Барса има пет од пет и 15 бода, во следното коло има тешко гостување кај Вилјареал, претходно и соочување со Монако во Лигата на шампионите.

ОВДЕ можете да ги погледнете сите голови.

Македонскиот напаѓач Бојан Миовски не доби минутажа и втор натпревар во низа остана на клупата за резерви.