Аталанта со пресврт успеа да дојде до важен триумф во Бергамо, во петтото коло од Серија А, откако славеше со 3-2 над незгодната Фиорентина. Гостите двапати имаа водство, но на крајот не успеаја да освојат ниту бод.
Сите пет голови беа постигнати во првото полувреме, а публиката имаше многу причини за задоволство. Иако Фиорентина прва дојде во водство, домаќините успеаја да возвратат и до крајот на првиот дел ги свртеа работите во своја корист.
Мартинез Кварта донесе водство за гостите во 15. минута, но Аталанта израмни само шест минути подоцна преку репрезентативниот напаѓач Матео Ретегуи. „Виолетовите“ се радуваа на ново водство по голот на Моисе Кин во 32. минута, но вистинска „експлозија“ пристигна во самиот финиш на првите 45 минути.
Најпрво Де Кетеларе по една нафрлена топка силно биеше со глава за 2-2 во 45. минута, а само шеесетина секунди подоцна Аталанта првпат дојде во водство со голот на одличниот Адемола Лукман по еден фантастичен соло продор. На паузата резултатот беше 3-2, а во вториот дел немаше голови, и покрај неколкуте одлични шанси на двете страни.
Аталанта упати осум удари во рамките на голот, ништо полоша не беше ни Фиорентина, но резултатот не се промени и домаќините успеаја да ги освојат трите бода, со кои се искачија на осмата позиција на табелата. Во следното коло избраниците на Џан Пјеро Гасперини ќе го пречекаат амбициозниот тим на Комо, додека Фиорентина на домашен терен игра против римски Лацио.
Торино и Лече одиграа прилично здодевен натпревар кој заврши со најнепопуларниот резултат во фудбалот, 0-0.
„Биковите“ не упатија ниту еден удар во рамките од голот, а Лече може да жали за пропуштените шанси и можноста да си замине дома со целиот плен. Торино имаше шанса привремено да избие на врвот на табелата, но Лече заминува со еден освоен бод, вкупно четврти сезонава во Серија А.