Еден од најискусните Баварци, Томас Милер со автогол во 36-та минута на „фармацевтите“ им донесе бод откако Николас Суле по 18 минути игра погоди за водство на Баерн, па сега германскиот првак со 59 бода и меч повеќе, се на девет плус пред Борусија Дортмунд, која својот меч со Мајнц ќе го одигра дури на 16 март. Но, ако победи ќе се доближи на шест бода во последните девет кола сѐ уште теоретски достижни за шампионската круна.
Ред Бул Лајпциг со голот на Ангелино во 90-та минута по асистенција на Доминик Шобошлај се спаси од пораз за реми 1-1 со Фрајбург во дербито за ЛШ, па двата тима останаа на исто бодовно салдо со по 41 бод.
Босанецот Ермедин Демировиќ донесе водство за Фрајбург по 38 минути игра, но Фрајбург не успеа да издржи во завршницата за да запише голема победа и да избега на повеќе од една победа од директниот конкурент за место во европската елита во следната сезона.
Ајнтрахт Франкфурт со 4-1 ја сомле Херта среде Берлин за да ја прекине серијата од три порази по ред, а уште повеќе да ги зголеми главоболките кај берлинците, кои остануваат први во опасната зона со два бода зад првиот во сигурната зона, Арминија Билефелд.
Бохум со 2-1 го победи Гројтер Фурт, а Волфсбург со 1-0 славеше над Унион Берлин во другите денешни мечеви од ова коло во Бундеслигата.