После случувањата на вчерашните натпревари во Суперлигата на Србија, меѓу Раднички Ниш – Ц. Звезда како и Партизан – Јавор, од таборот на “црно – белите“ вчера и денеска обвинуваат за голем скандал и афера во тамошниот фудбал.
Од таборот на црнобелите велат како смеело да се дозволи мечот во Ниш да се игра 97.минути, потоа зошто е признат голот ако имало две топки на терен и зошто не е досуден пенал за Партизан во судиското продолжение при резултат 3:3.
Можеби Партизан е во право за тоа зошто судијата во Ниш толку го продолжил мечот, може е во право и за пеналот што требало да се суди во Белград на нивниот дуел со Јавор, но нема ништо спорно при постигнувањето на голот за победа на Ц.Звезда во Ниш во 97.минута иако имаше две топки на терен.
Интересно е тоа што се гледа од видеото, додека гостинот во Ниш оди во напад пред да падне тој гол, тренерот на домашните Лалатовиќ му вели на едно дете покрај аут – линијата да ја фрли топката во терен, со цел судијата да ја прекине акцијата на Ц. Звезда. Детето тоа го прави, има втора топка на терен, но судијата не ја прекинува акцијата и гостинот дава гол за победа.
Правилото во таков случај вели дека ако има втора топка во терен судијата е должен да ја прекине акцијата и да нареди да се отстрани таа втора топка од теренот, но само ако таа влијае на играта. А убаво се гледа дека таа нема никакво влијание.Токму затоа голот на Ц. Звезда е регуларен.
Најинтересно е тоа што Партизан на своите социјални мрежи постираше слика од претседателот на судиската организација Дејан Филиповиќ како тој на млади години носи дрес од Ц. Звезда, очигледно е дека бил нејзин и веројатно и сега е нејзин фан.