Полскиот напаѓач на шпанска Барселона, Роберт Левандовски постигна два гола во победата од 2-5 против Црвена Звезда и се израмни со соиграчот Рафиња, Хари Кејн од Баерн Минхен и со Виктор Ѓокереш од Спортинг Лисабон како најдобри стрелци во натпреварувањето со по пет голови.

Откако го постигна својот 19. гол на 16 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона, 36-годишниот Левандовски рече дека е одушевен од агресивниот пристап на Ханси Флик.

„Од почетокот на сезоната имаме цел – треба да играме многу офанзивен фудбал, но без да испуштиме од вид колку добро игра нашата одбранбена линија“, изјави полскиот репрезентативец.

„Сè што работиме досега е речиси совршено. Треба да видиме што можеме да направиме подобро, се разбира, но јас се чувствувам многу добро, целиот тим сме среќни“, додаде тој.

„Мислам дека во овој нов формат на ЛШ победата на гостинските натпревари е многу важна. Во првото полувреме игравме малку бавно, но во второто имавме многу шанси. Понекогаш, кога екипата игра многу дефанзивно како Црвена Звезда, ни треба малку трпение. Секогаш барам слободен простор за да можам да ја допрам топката и да постигнам гол. Затоа сум многу среќен. Како тим игравме многу добро“, заврши Левандовски.