Португалскиот ас Роналдо чекаше дури 13 години за да повтори такви мајстории. Ал-Наср синоќа немаше милост и убедливо со 8:0 победи на гости кај Абха во првенството на Саудиска Арабија. Очекувано во фокусот беше Кристијано Роналдо. Португалецот кој има 39 години, уште еднаш покажа дека е незадржлив, откако само во едно полувреме постигна три гола, а имаше и две асистенции.
Од тие три голови, Роналдо двапати беше прецизен од слободен удар. Со тие два гола директно од слободен удар, Роналдо прекина еден голем пост. Цели 13 години поминаа откако Португалецот немаше постигнато два голови од слободен удар на еден натпревар.
Два гола директно од прекин Роналдо немаше постигнато од 2011 година, кога во дресот на Реал Мадрид погодуваше во дуелот против Вилјареал.
Кристијано Роналдо сезонава има одличен учинок во првенството со 29 погодоци и 11 асистенции, но и тоа не е доволно Ал-Наср да е прв затоа што заостанува дури 12 бода зад Ал-Хилал, кој е без ниту еден пораз.