Поранешниот фудбалер на Барселона и Ливерпул, Хавиер Маскерано е назначен за нов селектор на младата фудбалска репрезентација на Аргентина, соопшти доцна синоќа тамошниот фудбалски сојуз.
Маскерано ќе ја преземе новата должност во јануари 2022 година, соопшти Фудбалскиот сојуз на Аргентина.
37-годишниот фудбалер ќе го замени Фернандо Батиста, кој му се приклучи на Хозе Пекерман во новиот стручен штаб на репрезентацијата на Венецуела.
Во текот на својата играчка кариера, Маскерано своите најдобри години ги помина во Барселона, за која настапуваше во периодот од 2010 до 2018 година и со која освои вкупно 19 трофеи, од кои пет титули во Примера и две ЛШ.
Кариерата ја започна во Ривер Плата, а во текот на 17-годишната клупска кариера играше и за Коринтијанс, Вест Хем и Ливерпул, а се пензионираше во 2020 година како играч на Естудијантес.
Тој играше со репрезентацијата на Аргентина на четири Светски првенства – Германија во 2006 година, Јужна Африка во 2010 година, Бразил во 2014 година (каде Аргентина беше поразена во финалето од Германија со 1:0) и во Русија во 2018 година.