Бугарската фудбалска репрезентација вчера доживеала тешка сообраќајна несреќа на пат од аеродромот во Тбилиси кон хотелот во кој требало да бидат сместени пред пресметката со Грузија во недела во четвртото коло во Лигата на нации, по што еден репрезентативец на источниот сосед завршил во болница.
Бугарите во два помали автобуси се движеле по автопатот од аеродромот кон хотелот, кога автобусите се судриле еден во друг, а причина било што првиот автобус нагло закочил поради автомобил кој бил застанат на патот, по што вториот автобус се забил во него.
Настрадал фудбалерот за врска Тодор Неделев, кој бил цел крвав од искршените стакла на автобусот, па бил итно пренесен во болница.
Грузија после три победи со гол-разлика 12-2 ја пречекува Бугарија во четвртото коло во обид за четврта победа и скоро извесно заверување на првото место, за кое би им требало или реми со Македонија или победа со Гибралтар во септември.