Најголемата ѕвезда на „триколорите“ во моментов, Килијан Мбапе ги спаси од нов пораз на „Ернст Хапел“ во Виена, откако даде гол на седум минути пред крајот на мечот за нов бод, втор во овој циклус по три кола, откако Вајман во 37-та минута донесе предност за Австрија.
Во истата група во оваа А-дивизија во Лигата на нации, Хрватска го освои „Паркен“ во Копенхаген и победи со 1-0 за прв триумф на „коцкестите“ после поразот дома од Австрија со 0-3 и ремито 1-1 со Франција во Сплит, а клучен беше Марио Пашалиќ, ѕвездата на италијанска Аталанта кој го даде голот на средина од вториот дел.
Хрватите одиграа многу подобро второ полувреме, кога Лука Модриќ и Матео Ковачиќ влегоа во игра на стартот од вторите 45 минути, па Пашалиќ го реши мечот во 69-та, а Данците дадоа два гола, но им беа поништени, еден поради прекршок во напад, а вториот поради офсајд пред самиот крај на мечот.
Данска после двете воведни победи сега првпат загуби, но остана прва на табелата, Австрија и Хрватска сега имаат по четири бода на второто и третото место, додека Франција неочекувано е последна во оваа група со само два.
Во другите мечеви, Израел со пресврт ја победи Албанија со 2-1 во Б-дивизијата, Словачка славеше кај Азербејџан со 1-0, а Белорусија и Казахстан одиграа 1-1 во Ц-дивизијата, додека Летонија со 4-2 ја победи Романија на гости, а Андора со 2-1 славеше над Лихтенштајн.