Во четвртокот се одржаа два различни состаноци – едниот ги собра менаџерите, а другиот капитени на клубовите од Премиер лигата. Темите беа заштита на играчите, играње натпревари и покрај проблемите, протоколи за одложување натпревари.
Фудбалерите на Премиер лигата се фрустрирани од целата ситуација околу одложувањата и одигрувањето на натпреварите и покрај големите проблеми со коронавирус. Ниту нивните менаџери не се посреќни. Челниците на Премиер лигата имаа што да слушнат на одделни средби во четвртокот.
И играчите и менаџерите се загрижени за бројот на натпревари што треба да ги одиграат за време на празничната сезона, но и за барањата што им се поставуваат на тимовите десеткувани од коронавирусот.
Сите се со став дека добиле невозможна задача бидејќи се очекува да одиграат три натпревари од 26 декември до 3 јануари.
Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола дури на прес-конференција во средата навести дека постои можност играчите да штрајкуваат, но во продолжението на таа изјава тој самиот се демантираше.
„Дали е потребно играчите и менаџерите да се обединат и да штрајкуваат или да направат нешто слично, бидејќи очигледно разговорите нема да го решат ова? Мислам дека тој штрајк нема да се случи затоа што сакаме да играме, сакаме да го продолжиме натпреварувањето, да ги израдуваме луѓето и да ги отвориме портите на стадионот сите тие денови, сакаме да играме затоа што тоа сакаме да го правиме.“, изјави Гвардиола.
Менаџерите и играчите сакаат протоколите за одложување на натпреварите да бидат јавни и многу прецизни. Менаџерите побараа објаснување и детали зошто некои натпревари се одложуваат, а други остануваат на план, бидејќи во интерес на сите е сите клубови да добијат ист третман кога се носат одлуките за одложувања.
Премиер лигата најави објавување на водич во кој прецизно ќе им се објасни на навивачите начинот на кој клубот може да го одложи натпреварот.
Премиер лигата и понатаму е единствената европска лига која се придржува до правилото за три измени, а има многу менаџери кои се залагале за враќање на можноста за пет измени. Исто така, менаџерите побараа откажување на куп натпреварувањето на два натпревари.
Пеп Гвардиола и Јирген Клоп се меѓу оние менаџери кои бараат ова правило веднаш да стапи во сила. Доста гласно ги поддржа и Ралф Рангник.