Холандскиот фудбалер Квинси Промес, обвинет дека се обидел да го убие својот братучед, во неколку телефонски разговори признал дека го прободел во коленото.
Полицијата ги прислушкувала овие разговори кои се случиле веднаш по инцидентот , без негово знаење.
Промес до сега негираше дека сторил кривично дело за кое како повод се наведува кражба на пари и накит од трет член на семејството.
“Зошто скокна пред него? Му го спаси животот. Ќе го убиев. Го разбираш тоа? Нели?”, наводно рекол Промес во еден од тие разговори.
“Никој нема да краде од нас. Тој е безобразен. Знаеше денес. Не можев да заминам. Извини, тетко. Прости ми”.
Се огласи и адвокатот кој го застапува неговиот братучед кој изјави дека снимените разговори на Промес оставаат малку простор за имагинација, како и дека тој, освен со тетка му, за тој чин разговарал и со своите родители.
Промес го нападнал својот братучед на 25 јули 2020 година, по семејна забава. Тој тогаш играше за Ајакс, пред да се пресели во Спартак Москва на почетокот на минатата година.