Шпанскиот селектор Луис Енрике пак го остави Алваро Мората на клупата за резерви и ќе игра со лажна деветка, улога што ќе ја има Марко Асенсио против Мароко денеска од 16 часот, во претпоследното осминафинале на Мундијалот во Катар.
Шпанците во офанзивниот дел немаат ниту еден класичен шпиц, а во формацијата 4-1-2-3 ќе игра истиот напад, со Олмо, Торес и Асенсио, што настапи во стартната постава и против Германија во дербито во фазата по групи што заврши 1:1.
Мароканците, кои изненадија со првото место во тешка група со Хрватска, Белгија и Канада, не го менуваат нападот што им носи успеси.
Во форот како класичен шпиц е Ен-Несири, десно е Зијех, а лево Буфал во формацијата 4-1-2-3.
Победникот од овој дуел ќе игра во четвртфиналето со подобриот од последното осминафинале меѓу Португалија и Швајцарија што ќе се игра вечерва од 20 часот.