Бразилскиот играч од средниот ред Лукас Пакета се запиша меѓу стрелците во победата на неговата репрезентација со 4-1 над Јужна Кореја во осминафиналето на Светското првенство. Тоа беше негов деби гол на мундијалите, а по натпреварот изјави дека неговиот тим се забавувал на теренот.
„Одигравме одличен натпревар и решивме сè веќе во првото полувреме. Тоа ни даде мир, го добивме резултатот што ни требаше. Јужна Кореја е добар тим и не беше случајно што стигнаа до оваа фаза. Знаевме дека ќе биде тешко за нас. Се обидовме да ја задржиме топката подалеку од Алисон, но кога тој мораше, направи одлични одбрани. Сега треба да се одмориме и да се подготвиме за следниот натпревар“, изјави Пакета.
„Уште пред натпреварот селекторот вети дека ќе го научи или „гулабот“ или мојот танц и ќе слави со нас кога ќе постигнеме гол. Среќни сме затоа што ни дава самодоверба да ја играме нашата игра и да се чувствуваме среќни. Главната карактеристика на нашиот тим е тоа што сите си помагаме. Сите играат во напад и сите играат во одбрана. Одбраната започнува со Ришарлисон, а нападите започнуваат со Маркињос и со Тијаго Силва“, истакна офанзивецот на Бразил.