Фудбалерот на Барселона, Педри против Италија го забележа 12. настап за репрезентацијата на Шпанија на големите натпреварувања.
Со тоа, тој го израмни досегашниот рекорд на Кристијано Роналдо по број на одиграни натпревари на светските и европските првенства до 21-годишна возраст. На следниот меч, веројатно против Албанија, Педри ќе го собори рекордот, но не е исклучено тој натпревар да го проследи од клупата за резервни играчи бидејќи Шпанија веќе го обезбеди првото место во групата. Ако не се случи тогаш, Педри многу веројатно ќе стане нов рекордер во осминафиналето од Европското првенство.
Играчот за врска на Барселона има 22 настапи за репрезентацијата за која лани не одигра ниеден меч поради низа повреди. Со оглед на тоа што има само 21 година, јасно е дека Педри, заедно со Нико Вилијамс и Ламин Јамал е светла иднина на шпанската репрезентација.