Браќата-близнаци Војдан и Дамјан Стојановски на залез на кариерата првпат заедно освоија титула, откако вчера се радуваа на успехот во дресот на МЗТ Скопје, кој беше подобар во финалето со Пелистер (3-1 во победи).
Тие на почетокот од кариерата играа заедно во екипите на Вардар и на АМАК-СП, со кои дојдоа до по еден трофеј во Купот на Македонија и тоа во 2007 односно 2009 година, но досега ниту еднаш немаа златен медал од првенството. Ова воедно им е прв заеднички триумф во едно финале, по двете загубени финални плејоф-пресметки со Вардар осигурување во 2005 и во 2006 година.
Вкупно гледано, на индивидуален план, за Дамјан ова е седма титула во Македонија, заедно со двете што ги има во Бугарија со Лукоил Академик, додека за Војдан ова е втора шампионска круна во македонското првенство, а има и еден идентичен успех во првенството на Украина.