Позитивни на вчерашниот тест биле Никола Митревски, Марко Кизиќ, Гоце Ојлески, Михајло Младеновиќ и кондицискиот тренер Петар Баснарков. Во репрезентацијата сигурно работеле на несакани сценарија во што кога некој ќе се зарази, па има разработено план за реагирање, но ова е една од најнезгодните варијанти во кои просторот за маневар е ограничен, бидејќи голман е најспецифичната позиција на теренот.
Останува Мартин Томовски единствен здрав од тројцата чувари на мрежата кои беа повикани во декемвриските подготовки, па сега ќе мора да се бара замена од поширокиот список, со 35 ракометари. Опциите таму се Благојче Трајковски од Еурофарм Пелистер 2 и Градимир Чаневски од Бутел, кои не беа дел од тимот во овие две недели и потребно е исто така да имаат негативен тест за да отпатуваат за Дебрецен.
Македонија немаше ниту еден позитивен ракометар на сите тестирања наложени од ЕХФ, се до ова последното, пред поаѓањето на ЕП. Летот кон Дебрецен е закажан за денеска во 14.10, а првиот натпревар е в четврток од 18 часот, против Словенија.