Јаховиќ на последниот меч беше резерва и не доби ни минута, а турските медиуми посочуваат дека сѐ поизвесна е разделбата до крајот на зимскиот преоден рок, а Бурса притиска за да го земе македонскиот репрезентативец. Јаховиќ сезонава даде четири гола во 19 меча, а шест гола имаше во пролетниот дел од минатата сезона на исто толку мечеви откако се врати во Гецтепе од Анталијаспор.
„Јаховиќ е на излезна врата и спогодбен раскин на договорот е многу веројатен, но прво Гецтепе да најде нов напаѓач. Истовремено Бурса продолжува со ‘притисокот’ да го ангажира искусниот центарфор“, пишува „Хуриет“.
Македонскиот напаѓач од 2016 година игра во Турција, каде дојде од руска Крилја Совјетов во актуелниот клуб, па потоа играше за Коњаспор, Јени Малатијаспор и Анталијаспор, а откако дојде Благоја Милевски за селектор се врати и во националниот тим.