Фудбалерите на Алжир и Сиера Леоне одиграа натпревар без голови во дуелот од 1.коло од групната фаза на Африканскиот куп на нации.
Тимот предводен од ѕвездата на Манчестер Сити, Ријад Марез беше далеку поопасен тим, но премногу се потпираа на индивидуалниот квалитет, малку потценувајќи го ривалот кој дебитираше во најголемото натпреварување на африканско тло.
Избираа лоши решенија во офанзивата, најмногу Брахими, кој најчесто солираше и беше безопасен за голот на голманот Камара. Чуварот на мрежата на Сиера Леоне се истакна со бројни интервенции, истрчувања, па дури и несмасни реакции. Но, кога сето тоа се соедини, се доби зачувана мрежа и тој дефинитивно е еден од хероите на својот тим. На моменти делуваше како дополнителен стопер за Сиера Леоне.
Може да се каже дека единствен играч со смислени идеи во нападите на Алжир беше Ријад Марез, но и тој не успеа да го совлада Камара. Големи шанси пропуштија Бенрахма и Софијан Бендбека.
И противничкиот тим успеа да постигне гол, но голот на Мохамед Буја Туреј беше поништен поради офсајд.
Така, на овој натпревар не видовме голови, а продолжи моментот на неефикасност во овогодинешниот африкански куп на нации. На седум натпревари досега се постигнати само осум гола .