Репрезентацијата на Македонија и останатите репрезентации ги направија и последните од многуте тестирања за Ковид-19, се чекаат резултатите, а потоа ќе се бара најдобриот состав за дуелот против Словенија.
Исто како и Кирил Лазаров, ќе „игра“ и Љубомир Врањеш, има најава дека имињата на ракометарите ќе ги објави на два часа пред дуелот, кој е закажан со почеток во 18 часот.
Македонија пред да тргне за Дебрецен имаше четворица позитивни ракометари на коронавирус, во Скопје остана првиот голман Никола Митревски, кој како што најави ќе вежба во соба и во секој момент ќе чека да се приклучи на националниот тим.
Добра вест е што вчера сите ракометари беа негативни, да се надеваме дека проблеми со Ковид нема да имаме до крајот на првенството.
Покрај Словенија, Македонија е во група со Данска и Црна Гора.