По пресвртот, хрватските ракометари го совладаа Исланд со 23:22 (10:12) во драмата од 3.коло од втората фаза на Европското првенство.
„Коцкестите“ без оглед на тоа што немаа преголем натпреварувачки мотив, стигнаа до првиот триумф во главната фаза, што беше изненадувачки, откако „рибарите“ можеа да дојдат на чекор до полуфиналето.
Сепак, паднаа под притисокот!
Исланд имаше пет гола предност во првото полувреме (10:5), со +2 отиде на полувреме, а потоа имаше празен период од 13 минути во второто полувреме, без ниту еден гол.
Хрватска го казни тоа, направи голем пресврт (20:15), но следеше нов, па Исланд со серија дојде до прагот на првата победа над Хрватска на големите натпреварувања.
„Рибарите“ имаа 22:21, промашија два напада за решавање на дилемите и следуваше нова казна.
Херој на Хрватска беше играчот на Вардар , Анте Гаџа со гол на 10 секунди пред крајот за шокантен епилог.
Исланѓаните не го искористија последниот напад и со тоа се доведоа во тешка ситуација да се пласираат во полуфиналето.
Сега ќе треба да се почека сензација на Црна Гора против Франција или пак Данска да го победи олимпискиот шампион, па на крајот да има подобра гол разлика. Премногу тешко …
Што се однесува до стрелците, Тин Лучин постигна шест гола, а еден помалку имаа Иван Чупиќ и Иван Мартиновиќ. Иван Пешиќ блескаше на голот со 14 одбрани .
Кај Исланд Ори Торкелсон даде шест, а Омар Магнусон и Бјорн Гудјонсон по пет.