Хрватските ракометари ремизираа со Холандија 28:28, во последното коло од групата 1 на главната фаза на Европското првенство.
Вицешампионот на стариот континент натпреварувањето го заврши на четвртото место во оваа група со три бода исто колку и петтопласираната Холандија , но со подобра гол разлика.
Натпреварот го одбележа резултатската клацкалка, промената на селекциите во водство, така што Хрватите првпат се одлепија на +3 во вториот дел.
Холанѓаните не се предадоа, намалија на еден гол, а потоа израмнија на минута пред крајот преку Ставаст.
Се чинеше дека Тин Лучин ќе биде херојот на Хрватска кога постигна гол на 15 секунди до крајот, но во последните секунди Лук Стајнс го постави конечниот резултат по одлична финта.
Најефикасен во редовите на Хрватска беше Иван Мартиновиќ со дури 12 гола, додека Марин Шипиќ додаде осум.
Кај Холандија најдобар беше Лук Стајнс со шест гола.
Од оваа група продолжува Данска, која во последниот натпревар ќе се сретне со Франција.
На олимпискиот шампион му е потребен најмалку бод за да се пласира во полуфиналето.