Ракометарите на Вардар 1961 вечер го играат првиот четвртфинален натпревар во рамките на СЕХА лигата, пред своја публика го пречекуваат ППД Загреб. Ова е натпревар од сезоната 2020/21 а беше одложен како и сите други четвртфинални пресметки за стартот од оваа сезона.
Кормиларот на Вардар Веселин Вујовиќ ќе го има првиот посериозен тест, по неколкуте пријателски натпревари во подготвителниот период. Иако Вардар може да се смета за благ фавотит на овој натпревар, ППД Загреб не доаѓа во Скопје со бело знаме. Во својот состав ги имаат искусните Жељко Муса, Јаков Гојун, вардарецот Иван Чупиќ и голманот Филип Ивиќ.
Реновираниот тим на Вардар на овој натпревар треба да покаже карактер, воиграност и желба за триумф ако сака да направи предност која ќе биде доволна за пласман во полуфиналето. Може да кажеме дека е балканско дерби бидејќи станува збор за пресметка меѓу двата најквалитетни и најзвучни состави во последнава деценија на поранешните екс ју простори. Сепак статистиката кажува дека Вардар е супериорен и на последните 10 натпревари има 9 победи и само еден пораз.
Саатницата на мечот е вечерва од 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.