Несторовски три години беше дел од Палермо пред сицилијанската гордост да банкротира, а тој да замине во Удинезе, каде не добива премногу шанса, но силно верува во оваа генерација на македонската селекција, потенцирајќи дека моментно е комплетно мотивиран со една цел да биде во топ форма ако добие повик за да ѝ помогне на репрезентацијата на пат кон нова историја – настап на Светското првенство.
„Прво да добијам повик, зашто целта и мотивацијата ми е да работам напорно за да ѝ помогнам на репрезентацијата. За мене пресметката во Палермо ќе биде посебна, зашто Италија е мој дом веќе со години. И мислам дека можеме да ја елимнираме Италија. Со настапот на Еуро 2020 покажавме дека сме храбар тим, многу тврд за секој противник, а колку сме добри покажавме во Германија. Кога ќе го соберете ова, мислам дека имаме големи шанси“, вели Несторовски.
Прилепчанецот ги посочува сега веќе пензионираниот Горан Пандев и младиот Елиф Елмас како фудбалери кои посебно се истакнале со својот неверојатен талент и квалитет.
„Со Горан беше привилегија да се игра, зашто е голем шампион, има освоено ЛШ, неверојатен талент кој ѝ денеска може да направи разлика на теренот. Неговите лидерски способности се посебни, секогаш со него го давате најдоброто од себе. Елмас е неверојатен талент, момче кое има 23 години, а веќе прави разлика на теренот и игра во така голем клуб како Наполи. Од Бог му е дадена неверијатна техника, има квалитет и многу е разновидем. Може да игра каде сакате, лево, десно во центар. Во репрезентацијата е од дете, а уште од тие денови покажуваше дека ќе биде голем играч“, потенцира Несторовски.
Тој во април лани ги скина лигаментите и го пропушти дебито на Македонија на големата сцена, но беше дел од Еуро 2020 како дел од комплетната репрезентација.
„Повредата беше ужас, но од прв ден добивав пораки со поддршка, а ми помогна многу и селекторот (Игор Ангеловски – н.з.) со самото присуство во соблекувалната, каде што можев да ги поддржам соиграчите. И со самото тоа што од страна го гледав Еуро 2020 беше големо искуство за мене“, додава Несторовски.