Реал Мадрид испрати ултиматум до ПСЖ да ја прифати понудата за Килијан Мбапе до недела или ќе се повлече од преговорите, пишува француски Л’Екип.
Реал понуди 180 милиони евра и 10 милиони речиси автоматски бонуси и вели дека нема да оди подалеку од тоа. Во Мадрид, пишува Л’Екип, тие веруваат дека ПСЖ намерно пролонгира до понеделник, кога се собира француската репрезентација, што може целосно да го искомплицира трансферот.
Собирот е во понеделник во 13 часот, кога Мбапе мора да се појави во Клерфонтејн. Се разбира, постои можност францускиот селектор Дидие Дешамп да биде флексибилен и да го остави напаѓачот да помине лекарски преглед и да потпише договор, иако тоа најверојатно би значело дека ќе го пропушти првиот од трите квалификациски натпревари за СП 2022 година.
Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо, во петокот за медиумите, ден по последната понуда на Реал, изјави дека ништо не се променило во споредба со пред два дена. Но, клубот се уште официјално не ја прифатил или отфрлил понудата.
Доколку не го стори тоа до крајот на неделата, Реал ќе се повлече од преговорите.