Со спектакуларна церемонија на олимпискиот стадион „Птичје Гнездо“ и официјално се отворени Зимските олимписки игри во Пекинг, на кои боите на Македонија ќе ја бранат тројца спортисти.
Дардан Дехари, Ставре Јада и Ана Цветановска ќе се натпреваруваат со најдобрите во светот, а на денешното отворање присуствуваше само еден наш спортист. Македонското знаме го носеше Дехари, додека заради близок контакт со позитивно лице на ковид-19, Јада и Цветановска отварањето го следат од Олимпиското село. Тие не се во карантин и се подготвени за почетокот на своите натпревари.
Со денешната церемонија олимпискиот стадион во Пекинг „Птичје Гнездо“ стана првиот стадион во историјата на кој се одржало отворање на летни и на зимски олимписки игри. Директорот на церемонијата на отварањето на Олимписките игри и во 2008 и сега во 2022 е Џанг Јиму, кој ги осмисли и двете церемонии.
Поради пандемијата, овојпат на отворањето ќе учествуваат околу 3.000 изведувачи, што е помалку од отворањето на Летните олимписки игри во 2008 година во кинескиот главен град, кога спектаклот го изведуваа 15.000 луѓе.