Футсал репрезентацијата на Португалија ја одбрани европската титула откако во финалето во Амстердам ја совлада Русија со 4-2. Тоа беше втора титула за тимот од Пиринејскиот Полуостров кој на тој начин стана една од трите селекции, заедно со Шпанија и Италија, кои ја освоиле оваа титула повеќе од еднаш.
Русите водеа со 2:0 до 13. минута со головите на Антон Соколов и Андреј Афанасиев, но во 19. минута започна голем пресврт. Томаш Пако, Путилов (аг), Андре Коелјо и Пани Варела погодија за новата круна на шампионите на Стариот континент. Треба да се напомене дека ова беше неверојатен четврти португалски пресврт на турнирот. Во групата успеаја против Србија, додека во нокаут фазата против секој противник (Финска, Шпанија, Русија) славеа по заостанување.
Во мечот за третото место Шпанија ја совлада Украина со 4:1 и продолжи со неверојатната серија. На секое од Европските првенства досега имаат по еден медал, од кои седум златни.