Манчестер Јунајтед испадна од Мидлсброу на пенали во осминафиналето на ФА Купот во петокот.
Јунајтед на тој начин ја загуби секоја шанса да освои домашен трофеј оваа сезона бидејќи заостанува 19 бода зад Сити во лигата и претходно испадна од Лига купот. Единствено активно натпреварување на Јунајтед е она во Лигата на шампионите, иако ниту Ралф Рангник не верува дека неговиот тим може нешто.
„Очајно сакавме да го добиеме тој натпревар, но не бевме сконцентрирани пред голот. Во нормални услови, на полувремето ќе водевме со 3-0. Но, заврши како што заврши. Не сме единствените. Видовте колку проблеми имаа Челзи и Вест Хем против екипи од пониските лиги“, изјави Рангник и додаде:
“Тоа беше нашата последна шанса за трофеј оваа сезона. Јасно е дека сè уште сме во Лигата на шампионите. Теоретски можеме да го освоиме тоа, но конкуренцијата е ужасно силна и сите 16 екипи кои играат нокаут фаза се многу добри”.
Ако заврши без трофеј, тоа ќе биде петта последователна сезона за Јунајтед без титула, што е најлошата серија на клубот во последните 48 години. Последното натпреварување кое Јунајтед го освои беше Лигата на Европа во 2017 година под водство на Жозе Мурињо.