Екипата на Еурофарм Пелистер се враќа со победа од 25:23 од гостувањето во Србија кај Партизан откако денеска во интересен натпревар се избори за триумф и први бодови во новата сезона од СЕХА лигата.
Од почетокот на средбата стана јасно дека ова може да биде неизвесен дуел бидејќи ракометарите на Партизан покажаа дека се мотивирани за надигрување против фаворитот на оваа средба. Еурофарм Пелистер го имаше водството, но тоа не беше така високо како што се очекуваше, па затоа многу често се случуваше домашните да успеат да израмнат.
Партизан дојде до 5:5 после 11 минути игра, а и три минути подоцна беше израмнето, 6:6. Откако Еурофарм Пелистер дојде до гол за ново водство после 14 минути игра имаше пет минуги без голови. Тука продолжи подобрата игра на тимот од Битола и нови четири гола. Во 24. минута резултатот беше 11:6 за Еурофарм Пелистер, а ова беа 11 минути без примен гол што беше најава за триумф.
Сепак, предноста не беше зачувана и домашните се доближија во финишот од првото на полувреме на три гола, па на одмор беше 13:10 за Еурофарм Пелистер.
Вториот дел почна со подобра игра на битолчани. Успеаја да стигнат одново до пет гола разлика и водеа со 17:12. Сепак, овие плус пет одново како да беа причина за опуштање што резултираше со губење на високата предност.
Во 41. минута гостите поведоа со 19:15 и тука дојде приод од шест минути без гол во кои домашните одиграа подобро и со 4:0 стигнаа до израмнување и возбудлива завршница на средбата. Меѓутоа не беше искористено на најдобар можен бидејќи Еурофарм Пелистер го искористи своето искуство од играње на вакви средби и во последните десет минути одново го врати водството.
На пет минути пред крајот веќе беше јасно кој победува бидејќи Еурофарм Пелистер водеше со 24:21, а малку потоа и со 25:21 така што требаше само да се одработи мирно до крај што беше и направено за конечни 25:23 и први бодови во новата сезона во Групата А од СЕХА лигата.