Ракометарите на Алкалоид срушија уште еден конкурент за шампионската титула во Суперлигата. Освојувачот на Купот и Суперкупот на Македонија, по Вардар 1961, го совлада и шампионот Еурофарм Пелистер (32-25) и остана перфектен во домашниот шампионат со осум победи од исто толку натпревари.

Алкалоид уште од самиот старт покажа борбеност и ефикасност и поведе со 4-1.

Следуваше период на рамноправна игра, Филип Кузмановски беше незадржлив на едната страна, додека на другата сигурен беше Арно  Бинго. Во  последната третина Алкалоид погодуваше од сите позиции и на полувреме замина со предност од 16-12. Кузмановски со пет гола беше единствена светла точка кај шампионот во првите триесет минути, додека за домашниот тим исто толку погодоци имаше Бинго.

Вториот дел започна со нешто погруба игра, па летното засилување во Автокоманда Костески беше приморан предвреме да го заврши дербито, бидејќи во 37. минута доскокна незгодно и го повреди зглобот.

Момците на Лазаров продолжија во исто темпо и, носени од расположениот Кизиќ, во 52. минута се одлепија на највисоки осум гола разлика. До крајот на дербито домаќините не дозволија никакво изненадување и заслужено со 32-25 освоија огромни бодови.

Најпрецизен беше Филип Кузмановски со дванаесет гола, но капитенот не доби соодветна поддршка од ниту еден соиграч. За Алкалоид прв стрелец беше Серафимов со осум гола, а шест крај своето име запиша Бинго.