Можеби Реал Мадрид ѝ е најголем ривал, но Баерн е најголемиот кошмар за тимот на Барселона од сите европски клубови.

Баварскиот гигант секогаш е посебно расположен за игра кога се соочува со Барселона, а во последните четири години, ситуацијата за „каталонците“ е вистинска мизерија. Ниеден клуб во Европа не ја понижил Барселона така, како што тоа го правеше Баерн од она фамозно четвртфинале во Лигата на шампионите, во екот на корона пандемијата.

Баерн има серија од шест победи во меѓусебните дуели со Барселона, а таа низа почна во мај 2015 година. Тој триумф беше пирова победа за германскиот клуб затоа што Барса се пласира во финалето од ЛШ бидејќи на домашен терен победи со 3-0, но го означи стартот на неверојатната доминација на Баерн.

Почнувајќи од тој меч, Баерн оствари шест победи по ред со фантастична гол разлика 22-4. Во ова е вклучен и гореспомнатиот дуел од 2020 година во Лигата на шампионите во кој Германците остварија триумф со 8-2 што е највисок пораз на Барселона во елитното натпреварување. Вкупно, во Лигата на шампионите, Барса и Баерн се сретнале 13 пати, Шпанците имаат само две победи и еден меч завршил нерешено, а гол разликата е 33-13 во корист на Баерн. Ремито е од 1996 година (2-2), а победите на Барса се од 2009 (4-0) и 2015 (3-0). Интересно е тоа што во двата случаја кога успеала да го победи Баерн, Барселона ја освојувала титулата во ЛШ.

Вечерашниот дуел се игра на Монжуик од 21 часот, а Барселона ќе се обиде да стави крај на лошата серија со некогашните главни оружја на Баерн, тренерот Ханси Флик и напаѓачот Роберт Левандовски. Двајцата беа дел од баварскиот тим кога тој славеше со 8-2, но можеби вечерва ќе придонесат за триумф на Барселона кој би имал големо значење и во битката за што подобар пласман во ЛШ оваа сезона и за кревање на самодовербата пред големото дерби со Реал во текот на викендот.