Фудбалерите на Еспањол и Барселона ремизираа 2:2 вечерва во дербито од 24. коло на Ла Лига.
Чави изведе идентичен состав како и против Атлетико, само што суспендираниот Дани Алвеш беше заменет со Сержињо Дест.
Барса не можеше да замисли подобар старт, бидејќи Алба во втората минута го пронајде Педри, кој со помош на стативата го совлада Диего Лопез за 0:1.
Барса можеше да ја удвои предноста, одлична прилика имаше Адама Траоре, кој од 10 метри шутираше директно во голманот Лопез.
Еспањол успеа да израмни од својот прв удар кон голот, Педри и Араухо не беа доволно агресивни, Дардер се намести убаво и погоди покрај стативата за 1:1.
Голем проблем за Барса беше повредата на Араухо, кој на полувремето остана во соблекувалната, а влезе Ерик Гарсија.
Барса додаде гас во вториот дел играјќи постојано пред голот на Еспањол, а во 56. минута Гави постигна гол, но ВАР сигнализираше офсајд позиција на Де Јонг, кога тој несреќно беше погоден од топката при акцијата.
Чави дополнително го засили нападот, наместо Френки Де Јонг влезе Обамејанг, но следеше нов шок.
Ерик Гарсија очајно се постави, топката го прелета, а Раул Де Томас рутински погоди за целосен пресврт и 2:1.
Барса немаше што да загуби, влегоа и Дембеле и Нико, наместо Гави и Алба, но гостите тешко доаѓаа до шанса.
Во финишот поради меѓусебно кошкање беа исклучени Пике и Меламед, но тука не беше крајот.
Во последните моменти од натпреварот, Лук де Јонг биеше со глава по центаршутот на Траоре за 2:2!
Барса извлече бод, но тоа е мала утеха за нив, останаа без Пике и без повредениот Араухо пред пеколното гостување кај Валенсија во следното коло.