Петнаесетгодишната руска лизгачка Камила Валиева, вмешана во допинг скандал на Зимските олимписки игри, се бранеше на сослушување, тврдејќи дека по грешка земала лекови за срцето од нејзиниот дедо, изјави во вторникот претставник на ИОК.
Валиева го изнесе аргументот на сослушувањето пред Судот за спортска арбитража (CAS) за тоа дали треба да и се дозволи да продолжи да се натпреварува во Пекинг, рече Денис Освалд, постојан претседател на Дисциплинската комисија на Меѓународниот олимписки комитет.
„Нејзиниот аргумент беше дека оваа контаминација се случила со мешање со производ што го земал нејзиниот дедо“, рече Освалд.
Претходно, МОК на прес-конференција соопшти дека примерокот „Б“ допрва треба да се анализира и покрај првичниот позитивен резултат. Тинејџерката доби одобрение од CAS да се натпреварува во поединечна конкуренција во вторникот, откако CAS се согласи со одлуката на Руската антидопинг агенција (RUSADA) да ја укине забраната.
Валиева беше тестирана на нејзиниот државен шампионат на 25 декември, но позитивен тест за забранет лек за ангина беше откриен дури на 8 февруари, откако таа веќе се натпреваруваше на Игрите во Пекинг.
„Овие изминати денови ми беа многу тешки. Како да немам повеќе емоции. Среќна сум што ќе се натпреварувам, но во исто време сум емотивно уморна“, изјави Валиева за руската телевизија.
Доколку Валиева заврши меѓу првите тројца во женска поединечна конкуренција, церемонијата на медали нема да се одржи за време на овие Игри.