Е. Пелистер не е истата екипа која во септември капитулира пред Ним во својата сала (21-26). Оттогаш фати ритам, прикажа константна и добра игра и затоа надежите за бод(ови) од Франција се легитимни, сепак ги попречуваат неколкуте клучни отсуства. Без Јосип Периќ, Матео Мараш, Мирко Радовиќ и без Немања Обрадовиќ ќе биде тешко да се парира на најквалитетниот тим од групата Д.
„Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сепак, мора да бидеме спремни да играме шеесет минути, да бидеме тактички дисциплинирани, фокусирани на задачите, да бидеме цврсти во дуелите и да не заборавиме кои се нивните карактеристики. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат.“, го сподели своето размислување тренерот Жељко Бабиќ.
Евентуална победа на овој меч би била круцијална во плановите на Е. Пелистер за пласман во осминафиналето и тоа на што повисока позиција. Во таков случај би ја имал највисоката во својата група и би било потребно потоа само да ја одржува. Сепак, шанси за бодови ќе има уште, затоа што до крајот на фазата по групи „пелистерци“ играат дома со Кадетен, на гости кај Татабања и дома со АЕК, така што четвртфиналето е нивно, останува само да го сочуваат.