Станува збор за меч од 4 група од Лигата Ц, во која се уште и селекциите на Грузија и на Гибралтар, а кој треба да се одигра на 2 јуни.
„Тоа може да се случи. Разговаравме со стручниот штаб некои од натпреварите да се играат надвор од Софија, а една од опциите е да ја пречекаме Македонија во Разград. Но, ова се само разговори, во оваа фаза не е донесена конечна одлука“, изјави за „Спортал.бг“ техничкиот директор на националните репрезентации на Бугарија, Георги Иванов-Гонзо.
Бугарите традиционално се домаќини на стадионот „Васил Левски“ во Софија, каде што од различни причини изминатиов период ретко имаа поддршка од поголем број навивачи. Стадионот во Разград, каде што игра Лудогорец, најдобриот бугарски тим во последно време, собира 7.000 навивачи, бројка која е многу полесно да се собере во однос на 40.000 колку што е капацитетот на „Васил Левски“ во престолнината. Згора на тоа, со таква преселба би се намалила опасноста од можни провокации на ултрасите од Софија, сметаат од бугарската федерација.