На Динамо му падна најтешкиот ривал, зашто андалузиската гордост игра извонредно сезонава и е во трка со Реал Мадрид и за шампионската круна, но македонскиот репрезентативец е убеден дека Динамо може до сензација, а за почеток со добар резултат да се вратат од Севилја.
„Ги гледав нивните мечеви, многу организирана и цврста екипа, која сака да игра фудбал и која има многу добри индивидуалци. Самото тоа што се втори во Ла Лига мислам дека говори сѐ. Нѐ чека многу тежок меч, но подготвени сме. Динамо во изминативе години научи да игра вакви мечеви, а јас сум сигурен дека можеме да направиме доста добри работи, така да одиме таму да направиме сѐ што можеме за да се вратиме со добар резултат. Ние секојпат сакаме да го прикажеме Динамо, а и самите да се прикажеме пред ‘белиот свет’ во најдобро светло“, вели Адеми.
Четвртфинале е најдобриот пласман досега во Лига Европа за Динамо, редовен учесник во групните фази во Лигата на шампионите и Лига Европа. Македонскиот репрезентативец викендов даде гол на асистенција на капитенот на македонската селекција Стефан Ристовски за победа на „модрите“, како загревање за претстојната пресметка во Европа.