Русинката Ана Шчербакова освои златен медал во уметничко лизгање на Зимските олимписки игри во Пекинг , додека нејзината сонародничка Камила Валиева го зазеде четвртото место.
Шчербакова, која беше втора по кратката програма во вторникот, благодарение на денешната слободна програма собра 255,95 поени, нејзината сонародничка Александра Трусова, која го освои второто место, на крајот имаше 251,73 поени, а третопласираната Јапонка Каори Сакамото 233,13.
Камила Валиева, откако заврши како прва во кратката програма, денеска по неколку грешки беше четврта во слободната програма со 224,09 поени.
Валиева го освои златото во екипна конкуренција на 7 февруари, но еден ден подоцна беше откриено дека била позитивна на лекот триметазидин на рускиот државен шампионат, што го одложи доделувањето на медалите. После тоа руската антидопинг агенција ја суспендираше, но по нејзината жалба суспензијата беше укината. Судот за спортска арбитража (CAS) во понеделникот одлучи дека може да се натпреварува во индивидуалната програма.
Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека нема да има доделување медали во оваа дисциплина доколку Валиева заврши меѓу првите три.