Јувентус остана без целиот плен во вечерашното градско дерби, откако одиграа само нерешено во дуелот на домашен терен против Торино (1-1).
„Бјанконерите“ со тоа пропуштија шанса посериозно да се „одлепат“ од Аталанта во борбата за последното место кое води во Лигата на шампионите, па сега имаат „само“ три бода предност во однос на ривалот кој има одиграно дури два меча помалку. Матијас Де Лихт уште во 13. минута му донесе водство на Јуве, чија одбрана не издржа до крајот, па гостите изедначија преку Белоти во 62. минута.
Без разлика на разочарувањето што не дојдоа до трите бода, Јувентус ја продолжи серијата без пораз (во регуларниот дел) на 17 меча во сите натпреварувања, со оглед што последен пат загубија на 27 ноември од Аталанта на домашен терен.