Бомбата во зимскиот преоден рок на шпанскиот великан Барселона, Пјер Емерик Обемејанг блесна вечерва на „Местаља“, па со два гола беше предводник во убедливата победа на каталонската гордост со 4-1 против Валенсија, во најдобриот меч што досега Каталонците го одиграа под палката на Чави Ернандез.

Барса со победата го прескокна Атлетико Мадрид за четвртата позиција која води во Лигата на шампионите, иако бодовно се израмнети со по 42 на контото, но Каталонците имаат и меч помалку од актуелниот првак, а против Валенсија сѐ завршија за нешто повеќе од половина час.

Обемејанг во 23-та минута ја најави победата по додавање на Жорди Алба, а во 38-та практично стави печат со својот втор гол за убедливите 3-0 на полувреме по асистенција на Гави, откако во тоа спектакуларно 15 минутно шоу на Каталонците и Френки Де Јонг даде гол (32. минута).

Солер во 53-та минута само го ублажи поразот на Валенсија, а Педри во 63-та додаде и четврти гол за Барса за четврта победа во последните шест меча на каталонската гордост и сега има 42 бода, еден зад третиот Бетис, со ист број на одиграни мечеви по 24. Валенсија, пак, со деветтиот пораз, четврти во последните шест меча остана на 30 бода и на 12-то место на табелата во Ла Лига.