Како и Стојчевски, така и Талаков е фудбалер од средниот ред, но со многу поофанзивни карактеристики и двајцата се влог за иднината на словачкиот клуб, во кој до зимава играше младинскиот репрезентативец Енис Фазлагиќ и за половина милион евра беше продаден на полска Висла Краков.
„Жилина е најдобриот клуб за развој на млади фудбалери во Словачка. Среќен сум што дојдов и за мене ова е најдобриот чекор во кариерата. Ќе се обидам секоја шанса да ја искористам, навистина сакам да се покажам во најдобро светло и ќе дадам сѐ на секој тренинг, меч. Жилина игра модерен и брз фудбал, што ми одговара, ми се допаѓа и системот на игра, така да останатото – сѐ е на мене“, вели Талаков.
Двајцата македонски таленти, кои се и младински репрезентативци, заедно полесно ќе може да се прилагодат на новата средина.
„Андреј го знам од Академија Пандев и од младинската селекција, добри другари сме и мислам дека и двајцата сме многу среќни, така да гледаме напред и што повеќе мечеви да одиграме“, додава Талаков.
Младиот тим на Жилина го чека меч од осминафиналето во младинската ЛШ, а Стојчевски веќе играше во првата елиминациска фаза, додека Талаков сега е во комбинација за пресметката со Ред Бул Салцбург, чија генерација во 2015 година стана европски првак.
Дуелот е закажан за идната среда (2 март).