Тимот на Еурофарм Пелистер по поразот од Ним, се врати на победничките патеки во Лигата на Европа и во Битола го совлада швајцарскиот Кадетен Шафхаузен со 27-26. Иако во ростерот не беа Обрадовиќ и Велковски, не играа Мараш и Божиќ Павлетиќ, сепак избраниците на Жељко Бабиќ ги собраа важните бодови во битката за што подобар пласман во групата.
Битолчани поведуваа со еден гол разлика, но швајцарскиот тим успеваше да израмни. По 4-4, гостите врзаа два гола во серија и стигнаа до 4-6, но потоа влегоа во црна дупка. Одбраната на Еурофарм Пелистер беше одлична во овој период, Секељ врза две интервенции и домаќините направија пресврт со три гола во серија, 7-6. Беше 7-7, но битолчани уште еднаш имаа плус два, 10-8. Периќ промаши пенал, Пилиповиќ симна зицер, па Кадетен пак се врати во игра и израмни на 10-10 преку Цендер.
Повторно следуваа добри минути на Еурофарм Пелистер. Радовиќ и Периќ погодија за ново водство од плус, имаа домашните шанса и за плус три, но не реализираа, па казната стигна во мрежата на Секељ. Периќ повторно беше прецизен за 13-11, а Секељ му запре удар на Гербл. Убав погодок во следната акција постигна повратникот Радовиќ за 14-11, но потоа беше примен гол за 14-12. Сепак Табоада со гол во последните секунди ги постави конечните 15-12.
Нападот за плус четири не беше искористен на стартот на вториот дел, потоа битолчани во еден момент останаа и со четворица играчи во поле, па Кадетен успеа да израмни на 17-17. Тоа не ги поколеба битолчани во походот кон триумф, па набрзина стигнаа до плус два, 19-17. Имаа играч повеќе и два напади за плус три што не беа реализирани, па казната стигна од пенал за 19-18. Беше 21-18, плус четири спречи Пилиповиќ, но и Кизиќ на спротивната страна му запре зицер на Кањелас.
На десетина минути до крајот Периќ погоди за 22-19, па тренерот на Кадетен мораше да бара тајм-аут. Неговите избраници не погодија, па Табоада казни за 23-19. Со убавиот погодок Граџан ја врати таа предност, 24-20 на осум минути до крајот. Беше и 26-22, но две грешки во нападот на битолчани и Кадетен намали на 26-24. Биоска му одбрани пенал на Мандалиниќ, а потоа му запре удар и на Маџовски, но и гостите погрешија во следниот напад на две минути до крајот. Нова грешка на битолчани и гостите намалија на минус еден, 26-25, но Периќ стави точка на мечот со голот за 27-26.